„Осогово“ ги започна подготовките

Новиот шеф на стручниот штаб, Тимо Аксентиев, заедно со тренерот на голманите, Јоже Јованов, денеска ја извршија прозивката на фудбалерите со кои практично стартуваат подготовките за претстојната фудбалска сезона. На првиот тренинг присуствуваа безмалку дваесетина фудбалери, главно од помладите селекции на сопствената школа, предводени од неколку искусни и докажани фудбалски имиња на жолто сините.  

-За почеток располагаме со дваесетина фудбалери кои поседуваат квалитет и можат да одговорат на обврските во третолигашката конкуренција, истакна тренерот Тимо Аксентиев. Младите поседуваат талент и квалитет и очекувам брзо да напредуваат.

Стратегот на жолто-сините е пред сериозен предизвик да создаде победнички тим комбиниран од искуство и младост, кој ќе цели кон највисоките позиции во Третата фудбалска лига Исток.

-Нема да е едноставно да се направи спој меѓу младоста и искуството, но со напорна работа ќе го достигнеме квалитетот кој ни е потребен за да одговориме на обврските

Иако многу нешта околу стартот на првенството и бројот на клубови кои ќе учествуваат сеуште не се јасни, сепак Аксентиев очекува дека ќе има сериозна конкуренција од две-три екипи

-Не очекувам дека некоја третолигашка екипа ќе создаде сензанционален квалитет и дека ќе одскокнува од другите, но сигурно ќе има три-четири клуба кои ќе ја направат конкуренцијата интересна, а првенството неизвесно, заврши Аксентиев.

Со оглед на почетната фаза на подготовките, сеуште не се договорени пријателски натпревари, меѓутоа во Осогово очекуваат многу брзо повеќе второлигашки и третолигашки клубови да пројават интерес, заради проверка на можностите пред стартот на првенствата.

Сподели: