Минимални средства за максимани успеси

НА 17-ТИТЕ ПО РЕД ГОДИШНИ СОБРАНИЈА НА ЖФК „КОЧАНИ“ И ФК „КОЧАНИ“, ЧЛЕНОВИТЕ ГИ УСВОИЈА ИЗВЕШТАИТЕ И ПРОГРАМАТА ЗА РАБОТА, ОЦЕНУВАЈЌИ ЈА МИНАТАТА НАТПРЕВАРУВАЧКА СЕЗОНА КАКО МОШНЕ УСПЕШНА. ЖЕНСКАТА ЕКИПА СЕ ВРАЌА МЕЃУ ПРВОЛИГАШИТЕ, А МЛАДИТЕ КАТЕГОРИИ СЕ ДОДАТНО МОТИВИРАНИ ПО УСПЕХОТ НА ЈОРДАН МАНЕВ, КОЈ СТИГНА ДО ТУРСКАТА ПРВА ЛИГА. АНГАЖИРАНИ ЗАСИЛУВАЊА КАЈ ДЕВОЈКИТЕ, ОБЕЗБЕДЕНИ ВИСИНСКИ ПОДГОТОВКИ И СЕ НАЈАВУВААТ АМБИЦИОЗНИ ДОСТИГНУВАЊА.

Со скромни средства остварени резултати за респек на двата клуба, ЖФК „Кочани“ и ФК „Кочани“, е сублиматот од годишните собранија кои се одржаа на 30 јули, годинава. Под раководство на претседателот Ратко Димитровски, и освежени со нови членови на управните одбори, присутните проговорија за годините на успеси, кога се освојуваа шампионски титули и национални купови во женскиот фудбал, како и кога се создаваа млади фудбалери кои полека созреваа до интернационална кариера. По тој повод беше издадена и кратка но содржајна брошурка, која сведочи за постигнатите резултати.

Во делот на финансискиот извештај беше истакнато дека клубовите изминатата натпреварувачка сезона ја одработија со крајно скромни средства, добиени главно од ваучерите од Агенцијата за млади и спорт, и од неколку локални фирми помагатели. Резултатски, ЖФК„Кочани“ по една година се врати во Првата фудбалска лига за жени, со амбиции наредните година-две да направи сериозен прогрес кон врвот на табелата. За таа цел, веќе се ангажирани четири засилувања од домашни клубови, а се бараат една-две фудбалерки од странство. Планирани се и висински подготовки, на над 1400 метри надморска височина, на СРЦ „Пониква“, од 8 до 13 август.

ФК „Кочани“, кој работи како фудбалска школа со млади категории, годинава се гордее со тоа што супер талентираниот Јордан Манев направи интернационален трансфер со Турски прволигаш, бидејќи потекнува токму неговите редови.

Членовите на собранието ја истакнаа потребата двата клуба да добијат посразмерен третман од Општината, особено од аспект на финансиската поддршка, бидејќи двата клуба остваруваат исклучително корисна функција афирмирајќи голем број млади спортисти, над 400 фудбалерки и уште поголем број момчиња кои низ годините тренирале и играле фудбал под името „Кочани“.

Сподели: