Иднината на „Осогово“ ги почна подготовките
Над осумдесетина млади фудбалери распоредени во четири категории на ГФК „Осогово“ ги започнаа подготовките за новата фудбалска сезона. Беше вистинско задоволство да се види бројната и надежна младост на жолто-сините, која го исполни зелениот терен, работејќи вредно од самиот почеток. Задоволството не го криеше ниту координаторот на четирите селекции, Тоде Митев.
-Работа со млади категории, која за 5-6 години ќе даде резултат. Јас така го разбирам фудбалот, бидејќи се друго и привремено и можеби лажно. Не сакам никој да навредам, ама Осогово во изминатите години сам си ја сечеше гранката на која седи. Нели е убаво да се видат овие деца, овие млади момчиња на зелениот терен. Од нив ќе излезат големи фудбалски имиња, истакна Митев.
Шампионската титула во изминатото првенство и влегувањето во второлигашка конкуренција на младинската екипа на Осогово, е мотив повеќе во новото првенство да се работи уште поамбициозно и посветено
Митев е убеден дека во Кочани и регионот има извонредни фудбалски таленти кои можат да направат сериозна кариера, само заедницата да им даде поконкретна помош од организациски и материјален аспект. Примерите со Брегалница од Штип, Тиквеш, Работнички, се потврда дека со добро инвестирање во фудбалот, можат да се остварат значајни интернационални успеси. Впрочем, турнирите кои ги организираат големите клубови ги користат да откријат таленти и да ни ги земат. Затоа е потребна стратегија.