Колку за „Речани“ од ребалансираните 7,5 милиони евра

АКО ПРИ РАМНОПРАВНА РАСПРЕДЕЛБА СО СИСТЕМИТЕ КОНСКО И РАВЕН-РЕЧИЦА, „РЕЧАНИ“ ДОБИЕ ДВА МИЛИОНА ЕВРА, ПРАШАЊЕТО Е ШТО ЌЕ ЗНАЧАТ ТИЕ ЗА ДИНАМИКАТА НА ИЗГРАДБА НА АКУМУЛАЦИЈАТА, КОЈА Е ОД КАПИТАЛНО ЗНАЧЕЊЕ ЗА ОПШТИНАТА И РЕГИОНОТ. ОПТИМИСТИЧКИТЕ НАЈАВИ СЕ ДЕКА ВЕШТАЧКОТО ЕЗЕРО ЌЕ СЕ ИЗГРАДИ ЗА 3-4 ГОДИНИ, НО …

Според информацијата од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со ребалансот на буџетот за 2022 година се обезбедени 450 милиони денари, нови дополнителни средства за реализација на капитални инвестиции во делот на водоснабдувањето. Притоа се наведуваат проектите Конско, Равен – Речица и Речани, без да се наведе за кое вештачко езеро колку средства се предвидени.

Ако се знае дека за изградбата на Браната Речани се потребни околу 40.милиони евра, а за годинава од предвидените нешто повеќе од 7 милиони евра, кога би се поделиле рамномерно, ќе и припаднат околу 2 милиони евра, тогаш не може да се очекуваат позначајни зафати и значително зголемена динамика на градежните активности. Прашањето е дали со вакви идвојувања и со ваква динамика на реализација на најзначајниот водостопански проект на истокот, ќе се остварат предвидувањата на стручњаците „Речани“ да биде готова за четири години.

Дека браната со капацитет од 22 милиони кубици вода треба да добие апсолутен приоритет за изградба, зборуваат аргументите за инсталирање три хидроцентрали за производство на електрична енергија, толку неопходна за актуелната енергетска криза. Наводнување на кочанските полиња и снабдување со квалитетна вода за пиење на Кочани и уште десетина населени места, што ќе значи исфрлање од употреба на препумпните станици и заштеда на струја. И на крај развој на повеќе видови туризам и на крајно пасивниот регион од осоговието.

Сподели: