14 години на првата приватна ТВ во Кочани

По повод 14 години постоење, уредникот на ТВ Кочани ЛД со пригоден текст, кој го пренесуваме во целост:

Денеска „Телевизија Кочани ЛД“ полни 14 години откако се појави во медиумскиот етер на 18. Август  2008 година, како прва приватна телевизија на просторот од Штип до границата со соседна Република Бугарија. Колку успешно ја извршува својата одговорна информативна и забавна функција, ќе кажат граѓаните, односно гледачите, бидејќи ние самите да кажуваме за себе е нескромно. Наместо тоа ќе оставиме да зборуваат бројките од анкетите на АВМУ, а тие велат дека во моментот „Телевизија Кочани ЛД“ е во сооднос 4:1 погледана од конкуренцијата и нуди поразноврсни содржини.

Наспроти жилавите напори да се издржи и опстане во сегашните исклучително сложени услови и состојби во кои се наоѓаат медиумитево државата, особено на локално ниво, законодавците продолжуваат со своевидно минирање на егзистирањето на локалните медиуми, доведувајќи ги во позиција пред згаснување. Како да се тие најголемиот проблем и товар на државата. Без притоа да ја согледаат реалноста дека токму локалното информирање е основната клетка од која во голем дел извира демократијата, пристапот и слободата на говорот на граѓаните.

Не е нескромно ако кажеме дека денеска „Телевизија Кочани ЛД“ програмски опстанува врз база на продуктивноста во работењето во годините кога произведуваше обемна и разновидна сопствена програма. Кога вработуваше неспоредливо поголем број новинарски и технички кадар и кога беше активен сведокна речиси секој настан во општината и пошироко. Бидејќи сега кога сме приклештени со членот 102 и кога државата не дава каква и да е можност медиумите да се изборат за подостоинствен живот и технолошки развој, а општината нема разбирање за алармантната ситуација и не реагира, наместо креативност и професионализам, работењето е обвиткано во превезот наречен опстанок. Колку е тешко, можеби најдобро зборува примерот со регионалната ТВ Ирис, која се затвора, или неколку локални кои немаат сопствена програма, дури ниту вести и слично.

Но животот тече понатаму. Наместо работни победи, програмско-технички достигнувања, и севкупни демократски придобивки, медиумите ќе мора со рестриктивна стратегија да почекаат на подобри времиња. Во меѓувреме продолжува борбата со аргументите, со вестите и информациите и трката да се објави навремено, точно и објективно, се во интерес на граѓаните.

А 14 роденден ќе го одбележиме скромно, пред се работно и со голема благодарност до гледачите кои ни се јавија, ни честитаа, како и до сите кои не следат и се единствениот меродавен критичар на нашата работа.

ТРД „ТВ Кочани ЛД“, уредник: Л. Димитров

Сподели: