ФК „Слога 1934“ го покори и Велес
Значајна победа на ФК „Слога 1934“ во првото коло од единствената втора лига на Македонија, против довчерашниот прволигаш „Борец“ од Велес, и тоа на теренот на противникот. Виничани практично ја продолжуваат успешната серија од минатото првенство, кога беа хит во втората лига Исток. Дека организацијата во клубот е поставена на цврсти основи потврдува фактот што и при огромни промени во играчкиот и стручниот кадар, екипата постигнува резултати над очекувањата.
Во Велес Слога 1934 го надигра и го победи Борец со резултат 2:1, полувреме 2:0. Фудбалерот на Слога Тасевски уште во 8 минута го откри резултатот за водство од 1:0, а во 43 минута Николов го зголеми водството на 2:0. Во второто полувреме Борец тргна поофанзивно со желба да дојде до израмнување или да направи целосен пресврт, меѓутоа домашните фудбалери успеаја само да го намалат водството, за конечни 2:1.
Веќе во сабота на 27 август, Слога го игра натпреварот од второто коло, што всушност значи дека ја отвора сезоната на стадионот Филип Втори, со дуелот против Караорман. Дуелот започнува во 16. Часот.