Блокирана сметката на ООУ „Никола Карев„
Како новоназначен в.д директор на ОУ „Никола Карев“ сакам да ја информирам јавноста за настанатата ситуација.
Иако не сакам да се навраќам години наназад и да ги коментирам непазарните цени кои превозникот Авто Атом ги има склучено со договор за јавна набавка по кој немилосрдно се богати на терет и штета првенствено на учениците, а потоа и на сите нас како даночни обврзници, ќе ја коментирам само денешната ситуација.
Превозникот Авто Атом со првичното Решение за нотарски платен налог од 17.07.2017 и новиот налог за извршување на 25.08.2022 изврши блокада на сметката на училиштето ОУ „Никола Карев“, од која беа повлечени 682.641 денари, од кои 630.529 денари за КАМАТА и остаток од 52.112 денари се нотарски трошоци.
Текот на ситуацијата е следна…
На ден 17.07.2017 година со Решение на издавање на нотарски платен налог, Авто Атом бара да му се исплати КАМАТА на основен долг од 4.138.588 денари, долг којшто е измерен во целост.
Со самото доаѓање на новиот градоначалник на Општина Кочани почнуваат и притисоците од страна на Авто Атом за наплата на оваа камата. Како точка на дневен ред на првата седница на Советот на Општина Кочани, за да не дојде до блокада на сметката на училиштето, градоначалникот под притисок врши ребаланс на Буџетот и сите расположливи средства во износ на 816.000 денари по барање на тогашниот директор на училиштето „Никола Карев“ се пренаменуваат за исплата на КАМАТАТА.
Остатокот од КАМАТАТА која по пресметка на банка е во вкупен износ од 1.797.158 денари, училиштето се обврзува дека ќе ја исплати во 2022 година, а притоа да не се наруши нормалното функционираше на истото.
Согласно договореното на ден 07.04.2022 година, училиштето „Никола Карев“ подмирува 200.000 денари. На ден 31.08.2022 година подмирува уште 150.000 денари и во џентаменски договор со Авто Атом, училиштето се обврзува дека и остатокот од КАМАТАТА ќе биде иплатен, којшто договор од страна на превозникот не е испочитуван.
Денес, 02.09.2022 година од страна на Министерството за финансии сме известени дека од сметката на дотации се повлечени 682.641 денари.
ЗОШТО превозникот чекаше да пушти Решение за издавање нотарски платен налог и да започне со притисок со самото доаѓање на новиот градоначалник, иако побарувањето за КАМАТА се однесува за фактури од 2013 до 2017 година?
ЗОШТО блокадата на сметката на ОУ „Никола Карев“ не се изврши пред заминувањето на претходниот директор, туку се чекаше моето назначување и веднаш да се блокира сметката?
Бидејќи основниот долг спрема Авто Атом е целосно подмирен, дали средствата од КАМАТА во износ од околу 1.800.000 денари и нотарски трошоци можеа да се искористат за најмалите ученици за создавање соодветни услови за учење, а ЕДНАШ Авто Атом да се претстави како општествено одговорна фирма.
Јавноста е доволно мудра самата да донесе заклучок.