Зажнејување со срп и вршидба на ориз – традиционалните обичаи дел од „Деновите на кочанскиот ориз„
Утринава во с. Горни Подлог, поворка со гости од земјава и странство, членови на фолклорни друштва од Балканот, со македонска народна песна се упатија кон плодните оризови полиња спремни за жетва.
Со благослови и народна песна зажнејувањето први го започнаа Здружението на пензионери од Кочани. По жетвата беше прикажан обичајот на вршидба, а во продолжение следуваа настапи на домашни и странски фолклорни ансамбли и концерт на Ирена Спасовска.
Традиционалното зажнејување и целодневната програма ја следеа и заменик министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Абдулшуќур Абедини и државниот советник за рурален развој, Трајан Димковски.
Големиот број на гости имаа можност да уживаат во изложбените традиционални ракотворби и традиционална храна подготвена од страна на домаќинките на с. Горни Подлог.
За најуспешен оризопроизводител годинава наградата и припадна на Анета Велкова од с. Грдовци.