Доброволните спасители на Кочани и Ќустендил потпишаа Меморандум

Кочанската доброволна планинска спасителна служба “Осогово” и Планинската спасителна служба на Ќустендил, Република Бугарија на снежната „Пониква“ го потпишаа Меморандумот, кој е значаен документ кој ќе ги зацврсто и трасира формите на обострано корисна соработка. Двете служби првенствено ќе работат на размена на искуства и знаења, но и ќе се фокусираат на развојни меѓугранични проекти, преку кои ќе настојуваат да обезбедат финансиска и друга поддршка од европските фондови. Меморандумот за соработка го потпишаа претседателите на доброволните планински спасителски служби од Кочани и Ќустендил – Гоце Исајов и Антони Бошков.

Во знак на добра практика, и за успешен почеток Планинската спасителна служба од Ќустендил на колегите од Кочани им донираше симболична опрема. Доброволното планинско спасувачко друштво “Осогово” беше одличен организатор на овој настан, кој е во насока на развојот на туризмот на Пониква. На него присуствуваа претставници на ренџерската служба при Подружницата „Осогово“ на Национални шуми на Македонија, како и на Македонското еколошко друштво, со кои во иднина би се негувала непосредна соработка за што поквалитетно функционирање во интерес на целокупниот развој на осоговието.

Сподели: