60 годишниот ДАФ „казнет“ од Министерството за култура

Министерството за култура за јубилејното 60-то издание на единствената и најстара манифестација во драмскиот аматеризам во државата одлучи да го „награди“ ДАФ со неверојатни 270.000 денари. Со овие средства и со средства од општината, организаторите кон крајот на мај, кога вообичаено се одржува фестивалот, треба да пречекаат и угостат 12 до 14 групи од државата и од странство, плус други уметници од сферата на музиката, ликовната уметност и друго. На тие трошоци треба да се додадат и оние за сала, монтажна бина, озвучување, награди и дипломи, освежување …

Не така одамна, кога театарскиот аматеризам се вреднуваше посоодветно, ДАФ добиваше и по 600.000 денари, лани му беа доделени близу 450.000 денари, за овогодишното кастрење да биде драстично и нелогично.

Дали оваа „казна“ ќе значи кратење на програмата, што значи многу млади вљубеници во драмскиот аматеризам да останат без учество и настап на најзначајната театарска смотра во државата, останува да се види. Но сигурно е дека аматерите и аматерските групи кои веќе се подготвуваат за ДАФ, ќе бидат демотивирани и разочарани од одлуката на Министерството за култура.

Сподели: