Папазов и Петков потпишаа значаен договор

На 16 мај, во Министерството за животна средина и просторно планирање, градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов го потпиша исклучително значајниот договор за проектот  „Поврзување на Виница со Пречистителната станица за отпадни води во Кочани“. Договорот за проектот го потпишаа и другите крајни корисници, градоначалникот на Општина Виница, Миле Петков, директорите на двете комунални претпријатија „Солидарност“ од Виница и „Водовод“ од Кочани, како и министерката за животна средина.

Проектот вклучува делумна рехабилитација и проширување на канализацискиот систем и системот за атмосферска вода во Општина Виница, со што ќе се реши поврзувањето на Виница со Пречистителната станица за отпадни води во Мојанци. Реализацијата на овој проект ќе овозможи кон пречистителната станица да се приклучат и кочанските населени места Грдовци и Прибачево. На тој начин ќе се даде голем придонес во заштитата на реката Брегалница од понатамошно загадување во делот на Кочанската Котлина, што во перспектива значи враќање на флората и фауната во нејзините води и корито.

Средствата за реализација на проектот се обезбедени од програмата ИПАРД 3, преку Секторот за спроведување на ИПА во Министерството за животна средина.

Сподели: