Штетата од ланското невреме – 4,2 милиони денари

Комисијата за проценка и утврдување на висината на штети настанати од природни непогоди и други несреќи на подрачјето на Општина Кочани, формирана од општинскиот совет, која работеше по пријави на граѓани за предизвикани штети на домови, објекти, покуќнина и друго, го изготви збирниот извештај за проценетите штети од невремето на 24.07.2022 г. Со извештајот се опфатени 66 физички и правни лица, кои пријавиле штети и кај кои се извршени проценки за видот и големината на предизвиканите штети, според востановена методологија и актуелни финансиски и други релевантни податоци.

Невремето проследено со силен дожд и ветер причинило вкупно проценета штета од 4,2 милиони денари кај проценетите 66 пријави. Поединечните штети пак, се движат од неколку илјади денари, преку стотина и 200.000 денари, до дури над 420.000 денари.

Комисијата овој извештај ќе го достави до Советот на Општина Кочани на усвојување, по што ќе биде препратен до државната комисија за проценка и утврдување на штети, која ќе одлучува колкави обештетувања ќе добијат граѓаните.

Инаку, локалната Комисија за штети изготвила и одреден број елаборати во кои од увидот било констатирано дека кај одредени пријави односно објекти, немало штети согласно категориите дадени во Методологијата за процена на штети.

Сподели: