Депонијата, палењето и чадењето …
Неколкудеценискиот проблем со градската депонија од аспект на палење и загадување на животната средина останува без квалитетно и долгорочно решение, и покрај напорите на надлежните конечно да се тргне од дневен ред ова прашање. До сега се фрлени многу пари за да се загуши и згасне горењето и чадењето за запалените материи и на гасот во длабочините на депонијата, меѓутоа ефектот секогаш е краткотраен. КЈП Водовод при секое палење и горење, е принудено да издвои големи износи на средства за да го згасне огнот, но само до наредното повторно потпалување.
Истовремено, иако на сите во градот, пред се на надлежните служби, им е јасно дека проблемот на целиот град се неколку диво населени семејства, кои собирајќи разни материјали, за да дојдат до нив, неретко, намерно го потпалуваат натрупаниот отпад, и предизвикуваат загадување на животната средина, никој не се наоѓа за повикан да го спречи тоа. Залудни се повиците на комуналците во редовна законска процедура да се дислоцираат семејствата, за да се стави ред околу функционирањето на депонијата.
Во таква ситуација, еден навидум банален проблем со неиселувањето на семејствата, ќе ја загрозува целата општина од еколошки и безбедносен аспект, бидејќи во минатото имало случаи кога се предизвикувани пожари од пошироки размери, а претпријатието ќе троши пари од граѓаните за повторно и повторно гаснење на површинските и внатрешните согорувања во депонијата.