Трошат енормно вода, а не плаќаат ништо

Од 100 литри испумпана и испорачана вода до корисниците, „Водовод“ успева да фактурира, односно наплати, само 27 литри, а другите 73 литри се евидентираат, дел како технички загуби, а дел украдена вода со која неодговорни граѓани комотно си ги полеваат бавчите и си се ладат, бидејќи им е за џабе.

Фрапантен е тој податок од дури 73 % нефактурирана вода од водоснабдителниот систем на Кочани, и недвосмислено зборува за неодговорниот однос на граѓаните, кои масовно крадат водата, бидејќи никој не ги гони. Одговорност сносат и дел од надлежните во КЈП Водовод, кои не успеваат да најдат начин и механизам, да ги откријат неодговорните, и да си ги наплатат испорачаните количини до секој потрошувач. А штом од дистрибуираните 100 литри, само 27 литри, комуналното успева да си ги наплати, тогаш јасно е дека ситуацијата е алармантна, а проблемот сложен и сериозен.

Проблемите од овој аспект се најизразени во периферните населби, Шатровик, дел од Усова Чешма, Ромското Маало, Белското Маало и Драчевик, каде дел од корисниците поседуваат поголеми дворни места и бавчи, па водата ја користат безмилосно, а не ја плаќаат. Дрскоста оди дотаму што поединци ги кршат водомерите за да не ја мерат потрошената вода, други ги вртат наопаку, трети прават испусти пред мерното место.

Што значи ненаплаќањето на 73-74 %од испумпаната вода од бунарскиот систем и дистрибуирана до Фабриката за вода, па потоа до крајните потрошувачи, лесно е да се заклучи ако се пресметаат трошоците за стуја, за одржување на пумпните системи и мрежата и слично.

Од друга страна, во јавноста се коментира дека во одредени реони инкасаторите не се појавуваат, а камо ли да контролираат исправност на водомерите, што неизбежно потсетува на еден друг проблем што го има државата, кога е во прашање граѓанската неодговорност.

Сподели: