Сирењето 700 денари(?), ќе се купува на грамови

Малкумината сточари кои останаа во Брегалничкиот Регион деновиве се договорија и најавуваат дека наскоро ќе утврдат нова знаќително повисока цена на сирењето што го произведуваат. Повисоката цена на сирењето без додатоци, кое тие самите го произведуваат во своите млекарници, ќе се утврди најдоцна до 1 септември, а ќе биде дури за 30% повисока од сегашната.

Причини за зголемувањето на цената има повеќе, меѓутоа пресудно е тоа што нема работници за во сточарството, високите плати што ги бараат искусните сточари, но и климатските промени кои ги усложнија условите за одгледување добиток. Освен тоа, домашното сирење се прави без додатоци и како такво има неспоредливо поголема вредност од индустриското.

За состојбите со овчарството најдобро зборува статистиката, бидејќи до пред пет години во Малешевијата, биле евидентирани 16 000 овци. Сега, за само пола декада, нивниот број е преполовен и изнесува одвај 8 000 овци.

Затоа домашното сирење сега се продава по цена од 500 денари за килограм, но со најавеното зголемување неговата цена ќе достигне и до 700 денари за килограм.

Ваквите ценовни шокови ќе остават голем број граѓани без можност да конзумираат домашно сирење, бидејќи ќе се претвори во луксуз кој можат да си го дозволат побогатите.

Сподели: