На јавна расправа граѓаните на Кочани даваа предлози за креирање на Буџетот за 2024 година
Синоќа, во салата на Мултикултурниот центар во Кочани, се одржа јавна расправа за прибирање предлози од граѓаните за креирање на Буџетот на Општина Кочани за 2024 година.
На консултативната средба, граѓани, претставници на урбаните и месните заедници, членови на Советот на Општина Кочани, претставници на бизнис-секторот говореа за потреби за реализација на инфраструктурни проекти: водоводна, атмосферска и фекална канализација, општински патишта и улици, јавно осветлување. Исто така се предлагаа и проекти и активности од областа на културата, противпожарната заштита и од други надлежности на единицата на локалната самоуправа определени со закон.
Градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов го истакна значењето на граѓанската партиципативност при креирање на Буџетот за следната година и изрази благодарност за соработката.
До 20 октомври граѓаните своите писмени предлози можат да ги достават и во електронска форма на е-адресата: info@kocani.gov.mk или преку Едношалтерската канцеларија на Општина Кочани.