Хуманитарна акција и културнo-забавна програма по повод Денот на лицата со попреченост

Со пригодна културно-забавна програма и хуманитарна акција, денеска, во Спортска сала,  Општина Кочани го одбележа Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Настанот го отвори градоначалникот на Општина Кочани Љупчо Папазов, кој истакна дека потребите за лицата со попреченост секогаш се во видикот на Општина Кочани и се проследени со настојувањата соодветно да се одговори на нив.

– Токму  во тој контекст е и денешнава хуманитарна акција под  мотото „Без бариери“ со која сакаме да помогнеме СОУ „Гошо Викентиев“ да  добие решение за движење по скалишниот простор и за учениците со телесен инвалидитет – истакна градоначалникот Папазов.

Музичката програма и спортските игри кои беа организирани во соработка со основните и средните училишта од Кочани имаа натреварувачки карактер и беа проследени со силно бодрење од многубројната публика.

Во знак на благодарност за поддршката на децата со попреченост во текот на целата година, Општина Кочани му додели благодарница на ОУ „Никола Карев“, кое под мотото „Различноста е наша сила“ континуирано со група наставници по фискултура спроведува спортски вежби и други игровни активности со децата со попреченост.

Донациите на парични средства се реализираа во соработка со Општинската организација на Црвен крст – Кочани.

Сподели: