Спортистите заслужуваат новинарски избор

Искрено и аргументирано новинарите на Гласно ја соопштија нивната реакција по повикот на Општина Кочани за изборот на најдобрите спортисти во 2023 година, кој вообичаено се случува кон крајот на првиот месец во годината. Бидејќи, покрај тоа што улогата на избирач е неблагодарна, речиси редовно повлекува различни реакции на колективи и спортисти од различни спортови. На позитивните им се радуваме, од негативните сме револтирани.

Иако секој објективен треба да има целосно разбирање за искажаниот став во однос на изземањето од манифестацијата, сепак потребно е да се имаат во предвид неколку битни работи. Минатогодишната вербална и заканувачка агресивност со навредлив вокабулар, најмногу и единствено зборува за тие што го пласираа сето тоа во јавноста. Единствено штета е што тие и такви работат со младите спортисти… Но, нели секој си се гордее или се срамува од своите постапки и јавно искажани судови.

Колегите од Гласно мора да имаат во предвид дека со повлекувањето од Комисијата за избор на спортист, на недораснатите на улогата која ја имаат во спортот, им даваат за право да се чувствуваат како победници во вербалниот конфликт со новинарите. Притоа им прават неправда на сите спортисти, оставајќи ги без објактивен избор и без значајната манифестација.

На новинарите не им е потребно зад нив да застанат од Општината, бидејќи токму општината им дава целосна независност во одлучувањето, и заради тоа треба сами да се справат со тенденциозно наметнатиот проблем од поедини спортски тренери и работници.

Заради сето тоа, и заради фактот дека ниту спортот започнал и ќе заври со таквите, ниту изборот на најдобрите во спортот започнал и ќе заврши со актуелните членови-новинари, важно е сите засегнати да го надраснат проблемот и да се стават во функција на спортистите од сите спортови и возрасти во општината, за да се овозможи да продолжи убавата традиција.

Сподели: