Ваучерите за инвертер клими – за скопјани!?

Граѓаните од Кочани и околината се незадоволни од начинот на доделување ваучери за купување инвертер клими на Министерството за економија, кој деновиве предвреме беше затворен. Некои сеуште бараат како и каде да аплицираат со барање, иако јавниот повик пред два дена е затворен. Тие сметаат дека условите за аплицирање ги фаворизираат граѓаните од Скопје наспроти внатрешноста, кои документите мораше да ги праќаат по пошта. Во Јавниот оглас, кој беше објавен на 31 јануари, не се предвидува количинска распределба на инверетер клими по региони, туку во иста група се Скопскиот, Источниот, Југоисточниот, Североисточниот, Вардарскиот и Полошкиот Регион, по принципот прв дојден прв услужен. Ако скопјани за два дена го надминале планираниот број, интересно ќе биде да се види кој и како ги добил ваучерите.

Инаку, јавниот оглас требаше да трае до 12 ти февруари, но поради голем број апликации Mинистерството завчера одлучи да го затвори, бидејќи стасале повеќе апликации од предвидените средства. Имено, за 4 дена пристигнале 10.000 барања, иако пари се обезбедени само за 7000 домаќинства.

Од Министерството за економија не одговорија колку апликации има од Југоистокот или одделно од останатите плански региони. Соопштија дека вкупно пристигнале 10 илјади барања за ваучери, а две комисии ќе го изготват финалнииот извештај и списокот кој ќе биде поделен на два дела, првиот за Пелагонискиот и Југозападниот, а вториот за останатите шест плански региони.

Предвидени се 4.000 ваучери во висина од 25.000 денари во бруто износ за домаќинствата од Пелагонискиот и Југозападниот, додека за Скопскиот, Источниот, Југоисточниот, Североисточниот, Вардарскиот и Полошкиот ќе се доделат 4. 782 ваучери кои треба да добијат по 23 илјади денари бруто“, велат од Министерствотo за економија.

Сподели: