Пензии или политика, раскол меѓу ИО

Раскол во Иницијативниот одбор на пензионерите организирани под името За достоен живот во Македонија по состанокот одржан во Кавадарци. Откако претседателот на ИО, Драган Угриновски со неколку поддржувачи ја образложил својата политичка амбиција преку партијата на Јанко Бачев, тој и неколку членови, да бидат носители на листи за пратеници, на наредните парламентарни избори, претставниците од општините на пензионерите кои со месеци протестираа, се оградиле од таквата опција и си заминале од Кавадарци. По неуспешниот тензичен состанок со обиди за физичка пресметка, мнозинството од Иницијативниот одбор, кои практично први ги започнаа протестите, се договориле да ги исклучат од Претседателството и ИО членовите предводени од Драган Угриновски, и набрзо да се состанат заради избор на ново претседателство од три члена и еден координатор.

Другата страна сето ова го негира, и уверува дека тие се легитимни претставници на ИО и дека тие се тие кои исклучуваат.

Определбата на ИО на пензионерите За достоинствен живот е да се опстои на барањата за линеарно зголемување на пензиите во износ од 5.000 денари и определување минимална пензија од 20.000 денари, за која најсиромашните пензионери во државата и понатаму ќе се борат со сите средства што им се на располагање.

Инаку, ИО го оценува како некоректно политичкото дејствување на неколкумината членови и класична злоупотреба на довербата на пензионерите со најниски примања, кои низ протестите во внатрешноста и во Скопје, видоа трошка надеж дека нивната состојба барем малку ќе се подобри. Токму затоа ИО се оградува од понатамошното дејствување на групата предводена од Драган Угриновски и ги повикува пензионерите да ги следат идните активности во насока на исполнување на барањата.

Сподели: