Виничките лозари ги избраа најдобрите

Изминатиот викенд  во хотелот Центробизнис кај Виница  се одржа 42-та традиционална Лозаро-овоштарска вечер на која присуствуваа голем број лозари и овоштари од Виница и пошироко. Вредните лозаро-овоштари ја негуваат традицијата над 4 децении и секоја година со нетрпение го очекуваат изборот на најдобрите вина и ракии, како и незаборавната дружба исполнета со ора и песни, и богата лотарија.

За значењето на оваа манифестација од стопански и развоен аспект за општината , градоначалникот Миле Петков изјави: -Општина Виница максимално ги поддржува лозаро-овоштарите, бидејќи се значајна гранка во локалното стопанство, и придонесуваат за севкупниот развој. Од година во година Виница добива се поквалитетни лозови насади и винарии, кои произведуваат врвно грозје, а понатаму и врвно вона и ракии, благодарение на вредните одгледувачи и мајстори, но и на спецификите на поднебјето.

На забавната вечер и претходеше дегустацијата на вино и ракија од страна на стручна комисија, која ги прогласи најдобрите производители за оваа година. Се тестираа мирисот, вкусот, бојата и други карактеристики кои ја дефинираат самата мостра, а производителите се натпреваруваа за најдобро бело и црвено вино, како и за лозова и сливова ракија.

Првото место за најдобро бело вино му припадна на Венцо Нацев, а за црвено вино на Орце Михајлов. Најдобар производител на лозова ракија беше прогласен Виктор Димитров, а на сливова Драги Иванов.

И годинава двајцата актуелни кумови го предоа кумството на новите, кои ќе се погрижат за организацијата на наредната лозаро-овоштарска вечер и продолжување на традицијата.

Сподели: