Стартуваат третолигашите, „Слога 1934“ со шампионски амбиции

Со натпреварите помеѓу ФК „Слога 1934“ – ФК „Дојранско езеро“, ФК „Вардарски“ – ФК „Тиверија“, ФК „Овче поле“ – ФК „Карбинци“ и ФК „Ударник“ – ФК „Малеш“, и слободниот ФК „Рудар“ кои се играат в недела, започнува пролетната полусезона во Третата фудбалска лига Исток. Со оглед на случувањата во паузата помеѓу двете полусезони, особено кај клубовите кои имаат амбиции за повисок ранг, се очекува интересно и неизвесно првенство. Познавачите на приликите во оваа лига ги издвојуваат Вардарски, Слога 1934 и Овче Поле како главни фаворити во борбата за првата позиција, која носи бараж за влез во Втората лига.

Меѓу љубителите на фудбалот и навивачите на Слога 1934 во Виница владее еуфорија дека црвените можат да ја надокнадат негативата од 9 бода во однос на Вардарски, иако сето тоа нема да зависи само од нивните миленици. Сепак интересот за фудбалската игра е подигнат на највисоко ниво, поради создавањето целосно нов тим од квалитетни фудбалери за сите позиции, кои би требало да се прошетаат во преостанатиот дел од првенството. Токму затоа се очекуваат полни трибини на Градскиот стадион „Филип Втори“ на секој натпревар.

Сподели: