Загревањето со дрва најекономично, ама и најнееколошко

Ако во државата со огревно дрво се греат над 62 % од семејствата, во услови кога во некои градови има гасовод, а во Скопје на пример, со голем процент е застапено централното затоплување на домовите, тогаш во Кочани и другите населени места дрвната маса е уште позастапена и веројатно надминува 80 %. Причината за тоа секако е ниската цена на кубен метар огревно дрво, која со сите давачи не надминува 3000 денари, или вкупно 18.000 денари за шест кубика колку што обично набавува едно семејство за грејната сезона.

Нешто поскапи се дрвата во приватниот сектор, каде просечната малопродажна цена за кубен метар буково огревно дрво се движи од 3.000 до 3.500 денари. Притоа, семејствата во овдешните општини најчесто загреваат по една соба, иако има и такви кои со инсталирано парно греење затоплуваат еден или два ката од семејната куќа, доколку имаат потреба од тоа. На нив им се потребни и до 20 и 30 кубни метри огревно дрво во една грејна сезона, што како трошок надминува 1000 евра.

Инаку, ситуацијата со обезбедување огревно дрво во последните години е мошне проблематична, бидејќи Подружницата Осогово на Национални шуми, од разни причини, не стигнува на време да ги испорача сите планирани количини. Поради тоа се поголем број семејства се ориентираат кон приватни добавувачи, кои иако се поскапи, сепак, нудат поквалитетна дрвна маса и навремена испорака.

Греењето со дрва покрај тоа што е најисплатливо, во основа е со најнегативни еколошки ефекти врз животната средина, особено кога за огрев се користат недосушени дрва. Од друга страна, сечењето на шумскиот фонд е се по неконтролиран, помеѓу другото и поради масовната појава на бесправна сеча, што исто така е сериозна негативна појава со далекусежни последици. Веројатно поради сето тоа експертите притискаат за целосно покривање на државата со гасоводот, по примерот на Куманово и Струмица, за да се обезбеди економично и поеколошко реализирање на грејната сезона.

Сподели: