Трибина во МКЦ: „Ромите во Кочани денес“
Во рамките на програмата на Општина Кочани за одбележување на Меѓународниот ден на Ромите, денеска во салата на Мултикултурниот центар се одржа трибина на темата „Ромите во Кочани денес“.
Трибината, со свое излагање за реализираните активности за ромската заедница во Кочани, ја отвори градоначалникот Љупчо Папазов, кој говореше за општинските мерки и активности во повеќе области: образованието, социјалата, урбанизмот и инфраструктурата.
Видувања за состојбите и за напредокот на Ромите во Кочани изнесоа и Јалчн Неџипов, како претставник на „Ромалитико“ и Мануела Саидова од невладината организација „Светла иднина“.
Ученици од ОУ „Раде Кратовче“ ја презентираа ромската химна на ромски и на македонски јазик.
Вечерва, со почеток во 17 часот на Градскиот плоштад ќе се одржи и културно-забавна програма, на која ќе настапат повеќе музички интерпретатори, оркестри, диџеи, а публиката ќе има можност да проследи и стендап.