Ќе се реновира и доопреми „Бавчалук“

Фондацијата за развој на локалната заедница Штип застапувана од Извршниот директор Невенка Лонгурова Гирова, како давател и Општина Кочани застапувана од Градоначалникот Љупчо Папазов, како корисник на поддршката, деновиве потпишаа Меморандум за соработка за проектот „Направи разлика!“. Притоа, двете страни се договорија Фондацијата за развој на локалната заедница Штип да му додели на корисникот, финансиска поддршка во износ од максимум 1.050.000 денари за покривање на максимум 30% од трошоците за реализација на иницијативата: „Уредување на паркот во месноста Бавчалук“. Инаку, вкупната вредност на проектот изнесува 3.781.720,00.

Реализацијата на иницијативата е планирана во период од 1.6. до 31.10.2024. По завршување на иницијативата Општина Кочани и ФРЛЗ, врз основа на овој меморандум,  ќе склучат договор за трајно отстапување на располагање и одржување на изградените содржини, на Општина Кочани.

Со проектот се предвидува речиси целосно реновирање и опремување на рекреативниот центар Бавчалук, каде ќе се поставува нова специјална подлога на спортските терени, ќе се инсталираат реквизити за забава и игри на децата, ќе се постават клупи, летниковци, ќе се заменат кошаркарските табли и головите на игралиштето за мал фудбал, како и повеќе други содржини. Покрај тоа ќе се насадат украсни листопанди и зимзелени дрвца кои ќе го оплеменат просторот.

Реализацијата на овој проект ќе ги збогати рекреативните содржини во градот, посебно за децата, кои тука ќе имаат свое катче за бесконечните детски игри.

Сподели: