Ковид 19 удри и во општината и во медиумите

ЗАПАЃА ЛИ ИНФОРМИРАЊЕТО ВО КОЧАНИ ВО ТЕМЕН ТУНЕЛ, ТОГАШ КОГА НА ГРАЃАНИТЕ ИМ Е НАЈПОТРЕБНА БРЗА И ТОЧНА ИНФОРМАЦИЈА, ПОРАДИ КОВИД 19 КРИЗАТА. ЌЕ СЕ СЕТИ ЛИ НЕКОЈ ВО ДРЖАВАТА И НА ЛОКАЛНО НИВО, ДА ГО НАДМИНЕ ПРОБЛЕМОТ СО СПОРНИОТ ЧЛЕН 102 ОД ЗАКОНОТ ЗА АВМУ, КАКО ШТО ТОА Е НАПРАВЕНО ВО ПОВЕЌЕТО ДРУГИ ОПШТИНИ. КОВИД 19 УДРИ И ВО ОПШТИНАТА А ЈА ОГРАНИЧИ РАБОТАТА И НА ЕДЕН ОД ЛОКАЛНИТЕ МЕДИУМИ.

Информативен мрак се посериозно им се заканува на локалната самоуправа и на Советот на Општина Кочани, откако денеска редовната 47 седница помина без присуство на медиумите, што значи и без соодветно информирање на граѓаните за работата на советниците кои пред себе имаа 27 точки на дневен ред. Ситуацијата додатно ја комплицира тоа што службата за односи со јавноста во Општината не функционира, веројатно поради здравствени протоколи и мерки поврзани со Ковид 19 пандемијата, па практично никој не им доставува на медиумите официјална информација околу текот на седницата и произнесувањето на советниците по точките на дневен ред.

Од друга страна, поради нерегулирани односи помеѓу Општината и медиумите поради членот 102 од Законот за АВМУ, повеќето од вторите одамна не го следат текот на седниците на Советот и не им нудат професионални и автентични извештаи на граѓаните. Дополнителен проблем е што едната од двете локални телевизии од вчера не функционира во дневноинформативната програма, неофицијално, исто така поради мерки од Ковид 19, што е уште еден тежок удар врз информирањето во општината, како и во соседните општини Виница, Зрновци и Чешиново-Облешево.

Дека информирањето во целина, не функционира, потврдува реакцијата на советниците, кои на денешната седница побараа на секоја наредна да се става на дневен ред Информација за состојбите околу Ковид 19, мерките што се преземаат и насоките како да се дејствува понатаму. А ако советниците се сметаат за неинформирани, тогаш може да се претпостави како се информирани обичните граѓани. Дотолку повеќе што од здравствените и другите институции во општината само од време на време се пласираат оскудни и нецелосни информации до јавноста. Во секој случај, неприфатливо е, и дури опасно, во услови на се посериозна Ковид 19 криза, никој од локалните фактори да не се ни обидува да преземе мерки за подобрување на состојбите со информирањето како важен сегмент во справувањето со пандемијата од повеќе аспекти. Впрочем, надлежните се тие кои ја носат одговорноста за евентуални последици од нефункционирањето на една од клучните дејности.

Сподели: