Лековитата вода се фрла, граѓаните без бања …

ДОДЕКА ТРИТЕ НАЈПРОФИТАБИЛНИ БАЊИ ВО МАКЕДОНИЈА БЕЛЕЖАТ ЗНАЧАЈНИ ПРОФИТИ, ОПШТИНА КОЧАНИ ПРИ ИЗОБИЛСТВО ОД ТЕРМАЛНА ВОДА, СЕУШТЕ НЕМА БАЊОЛОШКИ ЦЕНТАР, ИЛИ БАРЕМ НЕКАКВА МАЛА БАЊА, КОЛКУ ДА ГИ ЗАДОВОЛИ ПОТРЕБИТЕ НА ЛОКАЛНОТО НАСЕЛЕНИЕ. ВАКА ПРИ ЛЕКОВИТА ВОДА ВО „ДВОРОТ“, ГРАЃАНИТЕ КОИ ИМААТ ПОТРЕБИ СЕ ЛЕКУВААТ ВО ДРУГИ БАЊИ.  

Во време кога бањскиот туризам во Македонија, на Балканот и пошироко бележи прометен и финансиски бум, во Кочани поедини концесионери со геотермалните води се расфрлаат најблаго речено неодговорно. Локалните власти се менуваат, но никој како да не го засега тоа што природното богатство и понатаму се искористува само за загревање во зимскиот период на институции, компании и оранжерии. Дури и општината Чешиново-Облешево, која го наследи руинираниот објект на некогашната Бања во селото Бање, сеуште не успева да пронајде начин и инвеститори да ја продолжи традицијата на бањското лекување и бањскиот туризам. И додека поединци се обидуваат да ги срушат бариерите, водата од бунарските системи кај Подлог истекува само делумно искористена.

Пред повеќе од две децении активисти во Месната заедница во селото Бање правеа напори да ја заживеат старата бања, меѓутоа поради правни пречки се откажаа, по што објектот за кусо време беше уништен.

Во време кога во светски рамки вистински тренд е развојот на бањскиот туризам и кога вртоглаво растат инвестициите во такви спа-центри, за обичниот граѓанин останува неразјаснето колкави се тие имотно-правни и други пречки кои не можат да се премостат, за да локалното население добие бања, но и редица други туристички и стопански бенефити. Може само да се претпоставува каков интерес ќе предизвика бањата кај рудниците, односно рударите од Македонска Каменица, Пробиштип и Крива Паланка. Потоа кај спортистите, кај пензионерите и сите други.

Вреди да се истакне дека во последно време бањите во Македонија, како Дебарска, Негорска и Бањата Банско, бележат прометен и финансиски бум, што само по себе е потврда дека бањскиот туризам во наши услови има перспективи.

Сподели: