Полициската станица никако да прерасне во Сектор

Откако пред повеќе од една деценија на Кочани неправедно му беше одземен Секторот за внатрешни работи, и беше заменет со најнискиот ранг Полициска станица, функционирањето на оваа исклучително значајна државно-локална интитуција, или служба, забележа сериозна стагнација во ефикасноста. Практично Полицијата е сведена на ниво на двојно и тројно помалите општини Пробиштип, Виница или Свети Николе, со 20 до 30 % помалку вработени, отколку до 2008 година. Притоа, одреден број полициски професионалци од Кочани на работа се распоредени во Секторот во Штип. Истовремено, потребата од „унапредување“ на Полициската станица ја наложува значително зголемениот број на население и на противзаконски дејствија, на се поголем број технички опремени извршители, особено во сферата на организираниот криминал.

Согледувајќи ги ваквите состојби, градоначалникот Николчо Илијев, на стартот на својот мандат, пред три години, ја исфорсира иницијативата Кочани да го врати секторот за внатрешни работи, а со тоа да се подигне нивото и квалитетот во работата. Поддршка во тие настојувања имаше од полициските раководители, како и од Советот на Општината, кој на една од седниците го изгласаа предлогот Кочани да добие Сектор за внатрешни работи. Меѓутоа, од тогаш наваму – молк!

Инаку, јасно е дека со враќањето на Секторот за внатрешни работи, Кочани и регионот ќе остварат исклучително значајни придобивки во повеќе сегменти. Првенствено, значително ќе се зголеми бројот на вработени и тоа со професионален и стручен кадар, поефикасно ќе профункционираат патролните служби и позорникарите, ќе се подобри ефикасноста во справувањето со сите облици на криминал, ќе се подобри безбедноста и сигурноста на граѓаните. Патем одредени надлежности кои по автоматизам се пренесоа во Секторот во Штип, ќе се вратат во Кочани.  Меѓу другото во делот на финансирањето, техничката опременост и организационата поставеност. Дека заложбите на локалната власт се издржани, зборува поддршката што во тоа време ја имаше од Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, па токму затоа очекувањата од измените во законот и организационата поставеност беа големи.

Сподели: