Каде заврши златото од тунелот кај Бигла
Мистеријата дали во тунелот кај селото Бигла, општина Делчево, е пронајдено огромно количество злато, скриено при повлекувањето на Германците на крајот од втората светска војна, и по десетина години останува неразјаснета, односно никој не се произнесе за овој случај кој своевремено ја разбранува јавноста во Источна Македонија и пошироко. Од тоа што допре до јавноста, се знае дека набрзо по оваа златна афера, тогашниот директор на археолошкиот сектор при министерството за култура, Паско Кузман, беше сменет од функцијата и имаше некаква истрага, но на виделина не излезе ништо конкретно. Остана само затрупаниот тунел во чија внатрешност имало или немало злато, односно е извадено или не.
Повозрасни жители на Делчево и селата околу тунелот, сведочат дека кога се повлекувале Германците создале обрач од вооружени војници, кои не пропуштале ни пиле да пролета, при што со експлозив го кренале во воздух влезот на тунелот, го затрупале и го направиле недостапен за дивите копачи и трагачи по злато.
При последното ископување на тунелот со употреба на градежна механизација, во пијанечкиот крај се раширија муабети дека златото е најдено и изнесено во непознат правец. Таквата претпоставка е подгреана со фактот дека при отворањето на тунелот, работниците ги обезбедувале специјалци, кои останувале на локалитетот и по завршување на работното време.
После толку години без официјални изјави или какви и да е соопштенија од надлежните, и без нови обиди да се бара скриеното злато, логична е претпоставката дека во тунелот повеќе нема ништо и дека ако имало, тоа е извадено, а скривалиштето затрупано.