Кочани на „опашката“ и на болница за Ковид 19

Иако беше најавена уште кон средината на летото, од модуларната монтажна болница наменета за ковид пациенти во Кочани сеуште ништо. Министерството за здравство од тогаш наваму нема направено никаква конкретна активност за реализација на овој проект, иако ситуацијата со Ковид 19 во градот на оризот и во општините кои гравитираат кон него, како Виница, Берово, Делчево, Пехчево и Македонска Каменица,како и Зрновци и Чешиново-Облешево, од ден во ден е се покомплицирана и потешка. Најавената монтажната болница во кругот на кочанската здравствена институција требаше да овозможи соодветен третман и лекување на пациенти позитивни или со симптоми на Ковид-19, независно од работењето на Општа болница.

Четири месеци подоцна ниту од општината, ниту од Здравствената установа соопштуваат какви и да е информации во врска со поставуавњето на модуларната болница. Не е изградена платформа за монтажа на опремата, како ни неопходната инфраструктура за нормално функционирање на болницата. Дури не е потпишан и договоротот со Министерството за здравство, кој е предуслов да започнат градежните и други активности. Дали тоа значи дека Кочани повторно ќе биде заобиколен во изградбата на таков здравствен капацитет, а со тоа и целиот краен исток на државата, останува да се види.

Парадоксот да биде поголем, Општина Кочани веќе предвиде средства од близу 3,4 милиони денари токму за таа намена, ама тие ќе „висат“ се додека Министерството за здравство не го направи потребниот чекор. Дотогаш, Општата болница ќе се справува со ковид пациентите како знае и умее , во рамките на постоечките капацитети, а блиските на заболените ќе трчаат наоколу по протекции и притисоци за да ги хоспитализираат во болнички услови.

Сподели: