Позитивни случаи во градинки во Чешиново и во Виница

Позитивен тест на Ковид-19 кај негувателка и дете времено ја затвори градинката во Чешиново. Објектот по препорака на епидемиолог нема да работи до 30-ти септември, а во изолација се сите кои биле во контакт со заразените.

Вонредна дезинфекција и домашен карантин и за група на дечиња од градинката Гоце Делчев во Виница каде една од вработените има корона вирус, објавува Сител.

-Групата со 12 дечиња, воспитувачката и негувателката која беше на замена по препорака на епидемиологот одат во 14 дневна изолација. Има насоки да се следи нивната состојба дали ќе има промени. Направена е дезинфекција во просторијата, вели Наташа Анакиева Димитрова, директор на градинка Гоце Делчев – Виница.

Пред 2 дена корона вирусот беше потврден и кај две негувателки во тетовска градинка и нивните групи со деца се во изолација. Во домашен карантин се и деца од кочанска градинка по потврден случај кај психологот во установата а во Струмица вирусот беше дијагностициран кај три дечиња од иста група. Заразени пријавија и во битолска детска установа и во две градинки во Скопје.

Епидемиолозаите велат дека е очекувано да има позитивни во објектите за згрижување на деца бидејќи изминатиот период има значителен пораст на Ковид-19 позитивни во државата.

Само минатата недела за 35 проценти е поголем бројот на позитивни случаи во споредба со претходно анализираниот период. Минатата недела Ковид-19 бил потврден кај 37 деца до 9 годишна возраст а 33ца од минатонеделните заразени со вирусот патувале во странство.

Сподели: