Јапонците ќе спијат на работа за да работат повеќе
Кога кај нас ќе се рече „спие на работа“, се мисли на најлошиот вработен, кој не го бидува за ништо. Нормално, под спиење на работното место се подразбира злоупотреба на работното место и работното време. Но кога во Јапонија, од сега па натаму, ќе се каже вработените спиеле на работно место, ќе се знае дека тоа е со знаење и одобрение на претпоставените, а врз основа на задолжителен одмор од 30 минути, предвиден само за краток сон среде напорните работни обврски.
Е сега, јапонците се повеќе и се почестото согоруваат на работа и поради преголемиот број на работни часови, се повеќе стануваат понеефикасни, што компаниите ги чини многу милијарди долари на годишно ниво. Таквите негативни ефекти ги согледало здружението на работодавачи во Јапонија кое одлучило да воведе полчасовно спиење, во адекватна просторија во која вработените ќе можат да ги одморат и телото и мозокот.
Дека и на овој план Јапонците мислат на се, потврдува примерот на ИТ компанијата „Некстбит“ која опремила две соби за мирен сон на своите вработени, опремени со уреди за блокирање на бучава, кревети и софи, но без мобилни телефони, таблети и лаптопи.
Интересно е дека едно истражување, спроведено во 28 земји во светот, покажало дека Јапонците спијат најкратко, во просек само 6 часа и 35 минути. Тоа е дури еден час помалку од Финците, Канаѓаните, Белгијците и Французите. А колку од нас Македонците?