За поединци да печалат, сите се трујат со CO2
За да заработат нешто плус пари од продажба на огревно дрво надвор од Општина Кочани, каде вообичаено се постигнуваат повисоки цени, поединци кои се одговорни за сечата и прометот со буковиот и дабовиот огрев, индиректно влијаат за зголеменото загадување на воздухот во Кочани и пошироко. Проблемот е што трговците настојуваат прво да ги снабдат „странците“, па дури потоа, во есенските месеци вршат дотур на купувачите од локалните институции и на граѓаните, иако тие ратите ги исплатиле уште во првата половина на годината. А доцната испорака значи снабдување со сурови, штотуку сечени дрва, кои одвај горат во шпоретите и притоа испуштаат големи количини ЦО2 и други штетни супстанци.
Ако технолозите, кои велат дека тоа е точно, тогаш еден од начините за борба против загадувањето, секако е да се влијае кај одговорните во Подружницата „Осогово“ на време да ги снабдат граѓаните со огревно дрво, за грејната сезона да ја пречекаат со суви и енергетски поефикасни дрва. А тоа не би требало да биде проблем бидејќи е во склад со законските норми и плус ќе се спречи нереалното богатење на поединци, за сметка на заедницата. Познавачи на аеро загадувањето велат дека само со таа мерка загаденоста ќе се намали за 10 до 20 %, што е значаен придонес.