Браната „Речани“ ќе чека друг градоначалник

И покрај најавите дека пробивањето на тунелот преку кој треба да се сврти водата од коритото на Оризарска Река, за да се овозможи поставување на темелите на Браната „Речани“, сепак на терен работите стојат во место. Освен арматурата околу идното окно, која беше поставена уште летото, друга активност тука не е преземана. Ја нема ниту српската фирма специјализирана за пробивање на тунели, која требаше да го издупчи ридот во должина од 400 околу метри. Дури и ЕВН ја нема завршено својата обврска, да постави далекувод и трафостаница за снабдување на градилиштето со електрична енергија. Без тоа, понатамошната работа околу изградбата на браната на Речани е невозможна.

 Камерата на Телевизија Кочани изминатиот викенд кај градилиштето регистрира пасивна ситуација. Можеше да се види дека во изминатите денови се работело на пробивање пат од левата страна на реката, гледано низводно, кој се качува до височина каде треба да биде круната на браната. Се работело и на порамнување на патиштата во градилиштето, но тоа се ситни зафати, веројатно колку да не зарѓи механизацијата. Одтука, дали и кога ќе започне засилената динамика на изградба на браната, засега никој не кажува, особено на локално ниво, бидејќи многу веројатно е дека никој не знае, затоа што се зависи од централната власт. Од друга страна, стручњаци за водостопански објекти велат дека логично е „Речани“ да ја чека изградбата на Акумулацијата на реката „Отиња“ кај Штип, па дури потоа да и се посвети поголемо внимание и таа да дојде на ред. Покрај тоа, сосема сигурно е дека на целата ситуација влијае и Ковид 19 кризата, посебно во делот на финансиите, на кои им треба поприлично време за опоравување.

Сподели: