Владата намени средства за замена на 2,2 км од цевководот во Кочани
Со одлука на Владата на РС Македонија,Општина Кочани доби 44,6 милиони денари за изградба на потисен цевковод од пумпната станица во Грдовски Орман до изливниот базен на препумпната станицаод водоводниот систем.
–Подобрувајќи го системот за водоснабдување, решаваме едно од суштинските прашања за Кочани за наредните 50 години.Поддршката од централната власт за реализација на капитални проекти е посебно значајна за развојот на Кочани – изјави Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.
Според проектната документација, ќе се заменат 2250 метри на постојниот цевковод, од бунарскиот систем Грдовски Орман до изливниот базен на препумпната станица. Се работи за критична делницакојашто поминува низ оризовите полиња, на која се јавуваат чести дефекти. Старите дотраени цевки ќе бидат заменети со дуктилни од лиено железо со пречник од 508 милиметри, со што ќе се обезбеди поголема издржливост и долготрајност на системот.
Со замената на цевководот, Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ ќе може да го обезбеди максималниот капацитет до потрошувачите од 280 литри вода во секунда.
Цевките на потисниот цевковод во Кочани се стари повеќе од 40 години и потенцијално се подложни на пукање и загуба на големи количини вода.