Кочани ја загуби еко-битката, минихидроцентралата на Мала Река ќе се гради

Додека актуелната и претходната власт меѓусебно се обвинуваат кој е повеќе а кој помалку крив за издадените дозволи и други пропусти за изградба на мини хидроцентралата на Мала Река, Кочани губи уште една еколошка битка. Времето кое е пропуштено, додека инвеститорот еден по еден си ги комплетирал документите, што на државно, а што на локално ниво, сега е ненадоместливо. Што вели народот, возот отишол. А пораз, како секој пораз-боли!

Иронијата да биде поголема, во годината кога Осоговските Планини се прогласени за заштитено подрачје, надлежните не успеаја да ја заштитат. Тоа значи дека инвеститорот ќе си го изгради енергетскиот капацитет, а откако ќе почне да произведува струја, граѓаните ќе почнат да ги регистрираат последиците врз животната средина. Првата, сечењето на шумите,  веќе е нотирана. Залудно креваа прашина здруженијата чии активности се нераскинливо поврзани со природата и планината. Залудно високи политичари и политички функционери објаснуваа колку е корисно природата да се заштити, кога пред налетот на моќните профитери, пречките се лесно совладливи. И како што стојат работите, уште позалудна ќе биде борбата со наредните инвеститори на мали хидроцентрали на Голема Река, бидејќи веројатно овој пораз широко ги отвора вратите за нови електроенергетски капацитети.

Од друга страна, вакви епилози на такви проблеми се очекувани, особено ако се знае дека локалните функционери не ставаат рака в оган, а кај граѓаните се недоволно организирани и единствени, поради што недостасува критичната маса за справување со најзначајните современи предизвици.

Сподели: