Заклучок за кучињата изгласаа, за медиумите само дискутираа

Во втор план, или во сенка, останаа донесувањето на Буџетот на општина Кочани за 2021 година и завршното обраќање на градоначалникот Николчо Илијев, на дискусиите на советниците, особено од опозицијата, инспирирани од присуството на медиумите на денешната свечена седница на Советот. Сите дискутанти се согласија дека на релација Совет – граѓани во изминатите две години владее информативен мрак, што негативно се одразува врз транспарентноста во работењето, како на советниците, така и на градоначалникот и на службите. И опозицијата и позицијата се согласија дека медиумите им се потребни во наредната изборна година, но не најдоа за потребно да изгласаат некаков заклучок за да преземат конкретни активности да се овозможи тоа. За разлика на пример, со проблемот со кучињата, за кои беше изгласан соодветен заклучок.

По долготрајната дискусија, советниците од позицијата со 11 гласа, го изгласаа 312.милиони денари проектираниот Буџет, од кој 190 милиони денари се наменети за капитални инвестиции. Опозицијата која во дискусиите се изјасни дека има позитивно мислење за буџетот, не учествуваше во неговото донесување, поради тоа што во изминатите две години владејачкото мнозинство не успеа да овозможи транспарентност до работењето, креирањето и неговото донесување. Притоа, додавајќи дека не случајно е најголем до сега, односно дека е толкав поради тоа што има политичка предизборна димензија во насока на Локалните избори во октомври 2021 година.

Другите точки од дневниот ред, освен една-две, поминаа без позначајни дискусии, со рутинско гласање на мнозинството од 11 советници.

Градоначалникот Николчо Илијев на крајот го имаше завршното обраќање до советниците, во кое направи осврт за реализираните проекти во изминатите 12 месеци, како и за плановите за 2021 година.

Седницата која се одржа во реновинарана сала на Мултикултурниот центар, беше украсена новогодишно, што практично претставуваше и нејзина функционална промоција.

Сподели: