Избран изведувачот на комплексот Дом за престој на незгрижени лица

Заврши е-аукцијата за изградба на блокот ламели за домување на незгрижените лица од Старата касарна во Кочани.

Најниска цена, која беше критериум за избор на изведувачот, дала фирмата „Панел М“ од Тетово. За изградбата ќе бидат наменети 23.748.753 денари. Во наредниот период, по комплетирањето на потребната документација, изборот на изведувачот ќе се официјализира со потпишување на одлуката.

Проектот опфаќа изградба на седум типски куќички од цврста градба. Една ламелае со вкупна бруто површина од 138 метри квадратни. Просторот наменет за домување на едно смејство ќе има приближно 30 метри квадратни за дневен престој, спална соба и бања.

Изведувачот ќе работи на земјани, ѕидарски, подополагачки работи, на поставување надворешна и внатрешна столарија, водовод, канализација и електрика.

Изминативе две години Општина Кочани изработи Локална урбанистичко-планска документација со намена за групно домување. Парцелата со површина од 2,96 ха е  државно земјиште, коешто се наоѓа на северниот дел на Кочани, источно од Фабриката за вода.

– На проблемот со нелегалното вселување во Старата касарна му даваме посебно внимание и за него бараме долгорочно решение. Од тие причини во соработка со Владата односно со министерот без ресор задолжен за ромски прашања, дејствувавме координирано. Ја изработивме потребната документација, обезбедивме финансирање на овој проект преку Стратегијата за ромски прашања во износ од 16 милиони денари, а со одлука на Советот од Општина Кочани издвоивме 9 милиони денари од општинскиот буџет. Кочани е една од ретките општини што успева да го реши домувањето на незгрижени лица и во исто време да отстрани еден тежок комунален проблем од централното градско подрачје – соопшти Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.

Рокот за изградба на домот за престој на незгрижени лица е 15 месеци.

Сподели: