Пајпер Мил не работи, Кочани со 93.3199 мг/к3 ПМ 10 честички загаденост

Утрово над Кочани и Кочанската Котлина се формира слој од чад, кој сведочи за загаденоста на амбиенталниот воздух. Тоа го потврдува и апликацијата која го мери квалитетот на водзухот во државава, на која утрово стои дека концентрацијата на ПМ 10 честичките изнесува 93.3199 мг на кубен метар, што е далеку над дозволената граница, и знакот е обоен во темно жолта боја која покажува висока загаденост. Ако сето тоа се случува во период кога капацитетите на Пајпер Мил, кој беше посочуван за главен загадувач, не работат, а од оџакот на излегува чад, прашањето е кои се другите загадувачи на Кочани, и што со нив.

Градоначалникот Николчо Илијев на гостување во една од регионалните телевизии истакна дека е за законско решение со кое и фабриката ќе продолжи да работи, со исполнување на еко стандардите, за 120 вработени да не останат на улица, но и за исполнување на пропишаните критериуми за заштита на животната средина. Значењето на Пајпер Мил за општината и за државата е и од аспект на фактот дека се работи за единствен капацитет за преработка на рециклирана хартија, чии сопственици имале намера да инвестираат додатни 5-6 милиони евра и да вработат уште шеесетина лица. И токму поради тие и такви аргументи, неопходно е општината, граѓанските здруженија и раководството на фабриката да ги изнајдат вистинските аргументи се со цел да нема губитници, туку да се договорат општокорисни решенија. Бидејќи вака причина за ограничено задоволство имаат граѓаните, поради фактот дека проблемот со загадувањето само делумно е решен, а за загриженост 120-те вработени, сопствениците на компанијата и општината и државата кои можат да загубат значаен индустриски капацитет.

Дополнителен проблем во целата ситуација е што по запирањето на работата на Пајпер Мил, активистите и Општината застанаа во походот да ги лоцираат другите загадувачи и да бараат нивно прилагодување на законските еко норми. Уште помалку се презема во делот на загадувањето кое доаѓа од загревањето на домовите, од чии оџаци во поедини делови на градот, излегува црна чад, што претпоставува дека не се гори дрво, туку пластика, гуми и други согорливи материјали, со голема концентрација на штетни материи.

Сподели: