Пуштен во употреба локалниот пат од Оризари до манастирот „Пресвета Богородица“ во Добра Вода
На празникот на Оризари, Свети Атанасиј, официјално беше означена завршената изградба на локалниот пат од Оризари до манастирот „Пресвета Богородица – Балаклија“ во месноста Добра Вода.
Реализацијата на оваа сообраќајна врска којашто поврзува населено место со туристичка локација, со своето присуство ја поздравија заменик-претседателот во Владата на РС Македонија Љупчо Николовски, министрите за внатрешни работи и за транспорт и врски Оливер Спасовски и Благој Бочварски, заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Никица Бачовски и директорката на Центарот за развој на Источниот плански регион Зуица Ангелова. Посетата до манастирот беше во придружба на митрополитот на Брегалничката епархија г. Иларион.
– Успеавме да реализираме иницијатива на жители на Оризари стара три децении и на тој начин да градиме доверба и задоволство кај граѓаните. Оваа сообраќајница ја олеснува комуникацијата и создава нови можности за рурален развој – туристички и земјоделски и ја потврдува нашата заложба за рамномерен локален развој – рече Илијев.
Градоначалникот истакна дека реализираните проекти се резултат на постојаното зголемување на капиталните инвестиции во Буџетот на Општина Кочани. Илијев додаде дека во 2021 година 65 % од основниот буџет или 190 милиони денари се наменети за капитални инвестиции со коишто Кочани ќе го смени ликот и ќе ги подобри условите за живот на сите граѓани.
– Пред три години кога разговаравме за овој проект, многу општини имаа нереализирани проекти, а Програмата за рурален развој беше во износ од 38 милиони евра. Денеска се гледаат резултатите – 204 проекти со 38 милиони евра – улици, патишта, канализации, а посебно значајно е што имаме многу проекти со кое се поврзуваат населени места со туристички локалитети. Се надевам дека и во наредниве години ќе бидеме сведоци на проекти коишто значат многу за овој крај – истакна вицепремиерот Николовски.
Изградбата на патот ја поздрави домаќинот на манастирскиот комплекс Стефан Смилков, кој истакна дека патот ќе го заживее манастирот и во него ќе доаѓаат и верници и туристи.
Патот од Оризари до Добра Вода е со должина од 2 км и ширина од 3,5 метри. Неговата изградба е со проект на Центарот за развој на Источниот плански регион, а средствата се одобрени од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој преку мерката „323“, со кофинансисрање и од Општина Кочани, а во вкупен износ од 14 милиони денари.