Второлигашот „Слога 1934“ со прва овогодишна победа
Во главно изедначен натпревар, во кој шефовите на стручните штабови на двете екипи ја проверуваа подготвеноста на секој фудбалер за пролетната полусезона, Слога 1934 и Каменица Саса одиграа интересен дуел, во кој поснаодливи беа виничани, кои на крајот славеа со 1:0. Иако се играше по сончево но студено време и лизгав терен фудбалерите на двете екипи прикажаа пожртвувана игра со желба да се победи противникот иако резултатот не беше во преден план.
Според реакциите на Крстев и Здравков за време на натпреварот, тие се задоволни од физичката подготвеност на секој поединец во оваа фаза од подготовките, а напредок има и во исполнувањето на тактичките замисли и во функционирањето на поедини линии во екипите. Инаку, и Слога 1934 и Каменица Саса ги очекува исклучително неизвесна пролетна полусезона, во која речиси две третини од екипите ќе со борат да го зачуваат второлигашкиот статус.