Доста надлежните си ја префрлаат одговорноста, додека граѓаните страдаат
После успешната Еко Акција во Трајаново Трло жителите се соочија со насилство и вандализам од организирани Криминални Групи
Ја известуваме јавноста дека на 11 Април 2021 година ние жителите на населбата Трајаново Трло во мултиетнички состав, како репрезент на соживотот во населбата, организиравме еко акција на која беа исчистени две зелени површини и голема количина на смет беше однесена на Градската депонија.
За жал после успешната акција, се соочивме со неколку кражби и разбојништва во истиот тој ден а во два случаи разбојниците беа фатени на лице место.
По ова, како кулиминација, следуваше насилство и вандализам од страна на добро организирана криминална група која воружена тероризираше секој којшто ќе им се најде на патот. Неколку луѓе се здобија со повреди и завршија во болница. Уште еднаш се покажа дека криминалците и насилниците не познаваат ни етничка ни верска ни религиозна припадност. Дејствуваат кога нивните бизнис интереси се загрозени. Ние како граѓани најостро осудуваме секаков вид на насилство без разлика од каде доаѓа.
Прашуваме дали некому му одговара криминалот и насилството во Кочани? Дали надлежните органи немаат слух за голготата со која се соочуваат самите граѓани а за што апелираме веќе со месеци?
Замислете живот во кој не можете да заспиете навечер или постојано се будите и при најмал шум мислејќи дека разбојник ви влегол во куќата и можете да настрадате. Можат ли почитуваните припадници на полицијата и на јавното обвинителство во Кочани барем да замислат како изгледа една таква ноќ помината во страв и неизвеснот? Уште колку немили настани треба да поминат за конечно да излезат во заштита на нас граѓаните и да ги искористат мерките притвор и најстрого да ги осудат насилниците и разбојниците? Треба ли човечки живот да биде загубен за тие конечно да добиеме правда?
Свесни сме дека префрлање на одговорноста од една на друга институција е најлесно? Но никако не е рашение за градење здраво општество.
Доста е!
Жители на Трајаново Трло, Кочани. 13.04.2021.