Кочанскиот ориз во Јапонските ресторани низ Европа !?

По веста дека на средба помеѓу Македонскиот амбасадор во Тирана, Данчо Марковски, и неговиот колега од Јапонската амбасада Такада Митсујуки, во главниот град на Албанија, е понудена можноста кочанскиот ориз  да се најде на трпезите на јапонските ресторани ширум Европа, кочанските бизнисмени од овој сектор под итно треба да ги поканат двајцата дипломати, за од идеја, работата да се претвори во практична реализација.

Ова е голема шанса за кочанското бело злато, бидејќи со пробивањето во јапонското кулинарство низ европа, се отвораат вратите да се пробие и во други национални и интернационални кујни во секогаш гладната за квалитет Европа.

Мислењето на амбасадорот Митсујуки, откако го вкусил  кочанскиот ориз е дека по квалитет тој е идентичен со оризот кој се одгледува во Јапонија. Задоволен од него, тој предложил да се разгледа можноста оризот од Северна Македонија да се нуди на јапонски ресторани низ Европа.

 Како што пренесува Опсервер, тој на македонскиот амбасадор му се обратил со зборовите,  Почитуван амбасадоре Марковски пренесете им на производителите на ориз во Северна Македонија, дека кочанскиот ориз по својот квалитет и својства е на исто рамниште со оризот од Јапонија. Ви предлагам да започнете со понуда на истиот во јапонските ресторани низ Европа.

Данчо Марковски, инаку вчера се сретнал со неговиот колега Текада Митсујуки, во јапонската амбасада во Тирана, од што произлегол разговорот и за оризот.

Сподели: