Драматичната ноќ во Трајаново Трло со полициска и судска разрешница

Откако по снимката со тепањето на детето, се појави нова, со мавтање со пиштол и нож на неговиот биолошки татко и морничави закани за освета, веднаш реагираа институциите за расчистување на противзаконските дејствија на дел од учесниците. Од полицијата велат дека се трага по лицето кое во видео пораката упатува смртни закани по живот кон лицата кои го фатија и тепаа десетгодишното дете, кое во време на полициски час влегло во туѓ двор при обид за кражба, и дека кога ќе биде пронајден ќе му биде поднесена кривилчна пријава. Имено 36 годишниот А.И. најверојатно е во странство, поради што се работи на негово обезбедување.

Детето кое жителите во Трајаново Трло го фатиле во сопствениот двор живеело во сместувачко семејство во Скопје, но избегало од таму и извесно време престојувало кај своето биолошко семејство. По драматичната вечер, извршен е медицински преглед врз детето и констатирани се мали видливи повреди по телото. Покрај тоа, до крајот на неделата психолог ќе треба да ја утврди неговата психичка состојба. Откако ќе биде комплетирана целата документација, ќе биде поднесена и приватна тужба против тие што го тепале.

Објавеното видео на социјалните мрежи на кое се гледа како неколкумина возрасни го малтретираат малолетникот, за кој тврдат дека го фатиле како краде, во  кочанската полиција на информативен разговор повикани се дваесетина лица, а деветмина од нив  се идентикфикувани. По комплетирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава за „насилство врз дете„..

Тензиите во кочанската населба Трајаново Трло траат околу два месеца, проследени со мирни протести на жителите од оваа и уште две населби, кои требаше да ги алармираат институциите да ја смират ситуацијата. Во меѓувреме атмосферата ја донаелектризира уште еден протест на граѓаните насочен против локацијата за изградба на 20-те типски куќи за дивовселените жители на старата касарна. Меѓутоа кога се очекуваше дека решавањето на работите ќе тргне низ институциите, се случи драматичната ноќ кога детето беше фатено па тепано, но и кога во масовна тепачка беа тепани и повеќемина други граѓани. Епилогот од сето тоа е полициската разврска, а подоцна и судската.  

Сподели: