Македонија на 90 место, а Кочани … ?

ВО ЗЕМЈА КОЈА Е НА 90 МЕСТО СПОРЕД СЛОБОДАТА НА МЕДИУМИТЕ, НА КОЕ МЕСТО СЕ ЛОКАЛНИТЕ ВО ОПШТИНА, ВО КОЈА ВЛАСТА ГИ КОРИСТИ НИВНИТЕ УСЛУГИ, АМА ЗА ВОЗВРАТ НЕ ДАВА НИКАКВА КОНКРЕТНА ПОДДРШКА, И 2,5 ГОДИНИ НЕ ПРЕЗЕМА БУКВАЛНО НИШТО ДА ИЗЛЕЗЕ ОД ЌОРСОКАКОТ. СОСТОЈБИТЕ ДОПОЛНИТЕЛНО ГИ ОТЕЖНУВА КОВИД 19 КРИЗАТА, КОЈА НАЛАГА ЗГОЛЕМЕНА АНГАЖИРАНОСТ.

Ако Македонија годинава е на 90 место, од 180 земји, според светскиот индекс на слободата на медиумите на француската организација Репортери без граници, што е скок за 2 места во однос на лани, тогаш прашањето е кое место општина Кочани го зазема во рамките на државата, ако се проанализира начинот на работењето на локалните медиуми, кои стопроцентно сервилно се настроени кон локалната самоуправа. Можеби се е појасно ако се погледне споредбата со државите Лесото, Молдавија, Перу и Унгарија, со кои е изедначено македонското новинарство.

Во Општина Кочани локалните медиуми се препуштени сами на себе, без поддршка од локалната власт, поради што бројот на вработени е сведен на минимум, а инвестирање во сопствена програма речиси и да нема. Финансискиот колапс кој секојдневно им се заканува на овдешните информативни средства ја ограничува нивната функција, а граѓаните се тие кои ги трпат последиците на нелогичните закони, но и на неадекватната транспарентност на општината, особено во најчувствителните сегменти од интерес за јавноста. Заради тоа, телевизиите, радиото и порталите, наместо со истражувачко новинарство, се јавуваат како проследувачи на секојдневните информации кои стигнуваат од општината за започнати, тековни или завршени мали инфраструктурни зафати, што е далеку од нивната суштинска функција.

Поради пандемијата со ковид-19 и вонредната состојба, ситуацијата на медиумите во државата дополнително се влоши, а локалната власт во Кочани се однесува како да нема слух за проблемите, иако е јасно дека пандемијата крајно го усложни известувањето на новинарите.

Инаку, најслободни медиуми во регионот има Словенија, на 36-то место, а подобри од Македонија се Хрватска (56), Босна и Херцеговина (58), Грција (70), Косово (78) и Албанија (83. Позади нас се Србија (93), Црна Гора (104) и Бугарија (112).

Сподели: