Екс функционерите се освестија, партијата не е се

Ќе ја зафати ли и општина Кочани епидемијата на појавување со сопствени листи за советници на поранешни функционери и нивни истомисленици од СДСМ, како што тоа се случува во општините Охрид, Центар и Куманово, е прашањето кое со подеднаков интерес си го поставуваат и во владејачката коалиција, но и во опозициската. Дотолку повеќе што и дел од политичарите и јавноста гледаат дека поедини советници седат во советничките столчиња само за на крајот од месецот да си го земат советничкиот хонорар од околу 250 евра, без граѓаните да ги слушнат како ги бранат или се борат за нивните интереси. Можеби примерот со првиот непартиски, независен советник, Венко Крстевски, ќе им ги отвори очите и на партиите, кои досега работеа според принципот „и тотален анонимус да ставиш на листа на добитна позиција“ партискиот електорат ќе го изгласа. За разлика од безгласните и послушните, независниот советник во секоја ситуација се бори за довербата на своите и потенцијалните гласачи, што е квалитативно поместување. Па дури и да им пркоси на градоначалникот, секретарот и другите фактори, јавно спротивставувајќи им се, во името на поголемите интереси. Кочанскиот неуспешен пример со замајувачкиот на јавноста надпартиски кандидат е приказна за себе, која бара поширока новинарска или политичка елаборација.

Како што се поставени работите во политичките партии на локално ниво, нема да претставува изненадување доколку поедини долгогодишни функционери или поддржувачи на владејачката коалиција, но и на опозициската, се дрзнат и на изборите излезат со засебни советнички листи. Особено кога многу од нив веруваат дека можат да дадат неспоредливо повеќе од тие што сега случајно се нашле во советот. Бидејќи не е тајна дека во двете најголеми партии има фракции кои не седат со скрстени раце, а и имаат интереси кои целата активност на крајот на краиштата ја прават исплатлива.

Сподели: