На чиј грб давачките за работа во недела ?
Излегувањата во ресторани заради дружење и специјалитети, иако и сега е, за некоја година ќе биде вистински луксуз и неостварлива желба на обичниот граѓанин. Цените во угостителската дејност од година во година бележат се поголем раст, па за оние со поплиток џеб стануваат недостижни. Ако кон таквите движења се додадат и новите законски решенија со наметнување давачки за угостителите кои ќе работат во недела, станува јасно дека цената на крајот повторно ќе ја платат граѓаните.
Предлогот на Владата неделата да остане да биде работен ден со тоа што угостителите ќе работат во една смена од 10 до 18 часот, повлекува додатни издатоци, бидејќи во тој случај работниците треба да добијат 100 проценти повисока дневница. Ако поедини репрезентативни ресторани, мотели и хотели имаат по дваесетина и повеќе ангажирани работници, тогаш работењето во недела, и тоа само преку ден, ќе значи и издвојување посериозна сума само по основ на плати.
Трговските објекти за работење во недела ќе плаќаат плус давачка, која ќе биде до 2 отсто од остварените приходи, и истата таа давачка ќе биде наменска за изградба на детски градинки.
Помеѓу угостителската и трговската фела, засега полугласно се коментира дека ваквите решенија тешко ќе профункционираат во внатрешноста и тоа од повеќе познати причини. Единствено најрепрезентативните капацитети, кои главно се привилегија на богата клиентела, можат да се најдат со математиката од вакво викенд работење, а тие се малубројни. Сиромаштијата ќе се крие по дворовите, и во дабовите и буковите сенки во излетничките места.