Слобода на медиумите на кочански начин

Новинарите во Општина Кочани, но и во државата, и оваа година ниту направија нешто, ниту му се израдуваа на 3. Мај – Светскиот ден на слободата на медиумите, бидејќи во реалноста ги живеат најтешките години од социјален и секаков друг аспект на функционирањето на професијата. Слободата всушност е разнебитена бидејќи системот функционира под мотото „пишувајте што сакате, нас тоа не не засега“, а тоа е полошо дури и од неслободата. Еден вид совршена манипулација со независното и слободното новинарство. Во тој контекст, негативниот пример и искуство од Кочани, поради многу специфики, некогаш ќе го има и во учебници.

Слободното и независно новинарство во Кочани трета година по ред е оковано во тотална финансиска блокада, покрај фамозниот закон, и поради ограничениот став на градоначалникот. И лесно е така, зошто цехот го плаќаат новинарите, а локалниот систем како така – функционира, особено во делот на асфалтирање улици. Тоа што медиумите се сведоа на по двајца-тројца вработени, „не е надлежност на надлежните“.

Во Кочани, на пример, никој не се сети на новинарите да им го честита Денот на слободата на медиумите. Онака од куртоазија. Ама се чини и нема зошто. Кој на кого да честита кога се е испомешано. Не се знае кој е вистинскиот сопственик на втората телевизија, а кој формалниот. Или се знае, ама кој го заболе да решава судир на интереси и слично. Од градоначалник до советници и службеници. А синџирот е нераскинлив. Од сопственикот-советник во Советот на општината и заменик градоначалник, преку лажниот сопственик и главен и одговорен уредник, воедно и дописник на националната информативна агенција, дури до одговорната за односи со јавноста во општината. Кој тука гледа новинарски непотизам, неслободи и монополизам. Нема. И нормално дека ќе нема кога се функционира како подмачкано.

Заради сето тоа, не е случајно што македонските и кочанските новинари, 3. Мај, Светскиот ден на слободата на медиумите, го одбележаа како неслободни, на работ на егзистенцијата и непочитувани како никогаш порано. Поради тоа што се уплашени, економски и социјално несигурни, во суштина не можат да бидат слободни и не може професионално да ја извршуваат својата основна задача – одбрана на јавниот интерес, туку се принудени да бранат интереси на градоначалници, од кои на еден или друг начин се зависни. А во таква ситуација сами не се доведоа, туку некој во државата и во општината, ги доведе.

Од многу нејасни работи, неколку ептен не се јасни. На пример, како локалните први луѓе се чувствуваат кога новинарите, кои се и новинари и сниматели, ги снимаат и им земаат изјави со мобилен телефон. Уште повеќе, како ја доживуваат слободата на новинарите, кога изјави си даваат на своите службенички, кои дозираат според теркот на шефот, прецизно погодувајќи што ќе му се допадне и пласираат во медиумите на копи пејс. Ете ти транспаретност, демократија …

Да живее светскиот ден на слободата на медиумите во Општина Кочани!

Сподели: