Место коли-тротинети, место трактори-запреги

КОГА ГРАЃАНИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА ТРГНАА НА ПАТ КОН ЕУ НЕ НИ СОНУВАА ДЕКА ВО ИМЕ НА ЕКОЛОГИЈАТА ОД АВТОМОБИЛИ ЌЕ МОРА ДА СЕ ВРАТАТ НА ТОЧОЦИ, А ОД ТРАКТОРИ И КОМБАЈНИ НА ЗАПРЕГИ. ЌЕ ПРЕДИЗВИКА ЛИ ПОСКАПУВАЊЕТО НА НАФТАТА ЦЕНОВНА ЕКСПЛОЗИЈА КАЈ ПРЕХРАМБЕНИТЕ ПРОДУКТИ И СИЛЕН УДАР ВРЗ ЕГЗИСТЕНЦИЈАТА НА ГРАЃАНИТЕ

Ќе ги вратат ли оризопроизводителите коњите и воловите да ги влечат плуговите и ралата во оризните ниви, за да се спасат од најавеното ново поскапување на нафтените деривати по основ на еколошката такса од 3,5 денари за литар. Истовремено, граѓаните ќе ги паркираат автомобилите во гаража и ќе се качуваат на велосипед и тротинет за заминување и враќање на и од работа, како и за извршување на секојдневните обврски во градските и селските средини. Ако тоа се предлага сега, следни мерки во блиска иднина би можеле да бидат вечерен престој дома наместо под сијалица, под свеќа или ламба, а сето тоа заедно асоцира на се поголема сиромаштија, модерно завиткана во еколошка обланда.

Со новата еколошка такса се очекува да се зголемат директните трошоци на земјоделците бидејќи нафтата е еден од основните инпути. Тоа ќе предизвика и раст на цените на прехранбените производи и поголем инфлациски притисок во економијата.

Земјоделците од кочанскиот регион стравуваат дека поскапата нафта неминовно ќе ја поскапи жетвата на оризот и другите култури. Ќе стане неисплатлива употребата на земјоделската механизација. Тоа од друга страна ќе доведе до поскапување на земјоделските производи, особено индустриските култури, кои понатаму ќе предизвикаат скок на цените и кај прехрамбените продукти.

Економските стручњаци се сигурни дека штетите од зголемувањето на цената на горивата ќе се почувствуваат кај сите индустриски гранки. И за бизнисмените еколошката такса ќе предизвика потрес во кревката економија, која сега, но и во иднина ќе трпи огромни последици од ковид-пандемијата.

Од стопанските комори се согласни дека ова е дополнителен трошок за компаниите кој не е потребен во време на криза и бараат одложување на еколошката такса до некои подобри времиња.

Сподели: