Касарната остана, дваесетте куќи заборавени ?

Протестите од пред два месеца, на жителите од трите населби кои гравитираат кон локацијата каде требаше да се изградат дватесетте типски куќи за да се реши проблемот со старата касарна, ја блокираа реализацијата на овој проект за кој се залагаше градоначалникот Николчо Илијев. Нивните аргументи беа дека ќе се уништи зелениот појас и зголемени трошоци за другата инфраструктура. Но примарниот проблем секако е доселувањето на стотина жители од сите возрасти, од кои дел се проблематични поради многу негативни појави кои и сега се случуваат во и околу касарната и пошироко.

Во актуелната статус кво ситуација, Општината е доведена во комплицирана позиција, како понатаму да го реализира планираниот и документациски сработен проект. Градоначалникот Илијев, кој своевремено, кога мештаните реагираа против истата локација, најави дека топката ќе ја врати кај советниците во Советот на Општината. Меѓутоа, времето одминува а прашањето за типските куќи не доаѓа на дневен ред. Можеби поради ризикот, дека ако советниците ја потврдат претходната одлука, ќе го навлечат гневот на жителите на трите населби. Или ако ја променат, ќе предизвикаат пролонгирање на постапката, нови трошоци за урбанистичка и градежна документација и редица други последици.

Од ќорсокакот во кој се најде реализацијата на овој проект, за кој се обезбедени средства и е доведен во фаза да започне да се гради, се чини нема многу излезни решенија. Напротив, можно е додатно комплицирање на работите и дури нивно ставање во функција на локалните избори, што вообичаено, е лошо сценарио.

Сподели: